Со промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику завршува седмиот „КРИК“

Контрапункт во рамки на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, која произлезе од платформата за критичка култура КРИК, утре (вторник) од 19 часот во Чифте амам ја објавува својата прва книга од македонски автор. Се работи за промоција на книгата на Артан Садику, провокативно насловена „Субјект(ивна) политика“.

„Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров кој е водечкиот теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир наративите. Артан Садику е еден од најмаркатните, исклучителните промислувачи на општеството, граѓанинот, новите форми на отпор и поинаквите, отстапувачки и неретко радикални форми на заедницата. Тој и како мислител и како човек се движи по често опасните рабни предели на политичкото, копнеејќи по општество кое нема да биде кастрирано од своите утопии. За Садику теориското никогаш не е само сув академски и епистемолошки меур туку е апликативна арматура врз која неизоставно мора да се изгради животот“, стои во најавата за настанот.

Во својата книга „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“, велат организаторите, Артан Садику преку премислување на основните политички парадигми на денешницата се соочува со предизвикот да се изнајдат одговори на епистемиолошките и онтолошките прашања кои се поврзани со процесот на субјективизацијата, со актот на препознавање на вистинскиот настан, со предизвикот на субјективно отклонување од системското наложување, преку воспоставувањето на ново поле на политиката.

„Садику ги развива своите размисли за политиката во линија на теориите на дискурзивната анализа кои се воспостваени од страна на голем број современи филозофи како Фуко, Бадју, Ларуел, Колозова, Алтисер, Лакло, Муф, Делез, Гатари, Терборн, Жижек, Лакан, но и поодамнешни автори како Маркс, Русо, Фројд и други. Сето тоа без конкретно присвојување на само една одредена теорија туку преку вмрежување на аналитичките методи и пристапи. Книгата претставува широко поле на итердисиплинарна и комплексна анализа кој спојува неколку полиња како социологијата, филозофијата и антроплогијата преку кои на одреден проблем му се пристапува во целата негова комплексност“, се вели во најавата.

Понатаму, организаторот посочува дека теоретскиот предизвик на „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“ од Садику се состои во обидот да се даде придонес преку постоечките теоретски размислувања во истражувањето дали денеска е можно политичко субјективизирање на граѓаните кое би овозможило воспоставување на ново поле на политиката и културните динамики во општеството.

„Практиките претставуваат главен предизвик за анализирање на оваа можност преку испитување на воспоставените политички концепти и преку анализирање на потенцијалноста за таква субјективизација на исклучените граѓани и на маргинализираните (социјални, сексуални и други) заедници“, се вели во најавата.

Инаку, седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура започна во јуни, 2022 година и се одвиваше во неколку сесии на тема „Во постојан отпор“.