Со проекции во Валандово, Богданци и Фурка заврши патувачкото кино „МакеДокс“

Екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“, која од 10 до 26 јули беше во валандовско-дојранскиот регион, со проекциите во Валандово , Богданци и Фурка го заврши годинашното патешествие.

Филмското платно во Валандово беше оптегнато во близина на градското шеталиште, а беа прикажани повеќе кратки документарни филмови од архивата на Кинотеката на Македонија, како „Свилената буба“, по која е познат овој крај, „Патот на јагулите“, животописот на браќата Манаки, но и понови продукции, како документарниот филм „Сребрена песна“ за филиграните на дизајнерката Марија Милошевска.

Во Богданци, Патувачкото кино на „МакеДокс“ го отвори Културното лето, што во овој град со различни содржини трае од 23 јули до 3 септември. Паркот пред Домот на култура, и истовремено Градска библиотека „Бранд Петрушев“, беше одлична локација за прикажување на филмовите „Живот во движење“ и „Синема комунисто“. Раководителот на Домот на културата Марјан Карастојанов потсети на основањето на библиотеката, што се случило веднаш по ослободувањето во 1945 година, со фонд на книги што ги подариле Олга и Кирил Петрушеви во чест на својот син Бранд Петрушев, кој загинал во демонстрации во Белград на почетокот на Втората светска војна.

Селото Фурка изненадува со својот урбан живот. Мештаните велат дека секогаш било напредно село, дека нема ниту еден невработен, а имаат и своја пошта, амбуланта, школо, црква. Во Фурка главно се занимаваат со лозарство, производство во оранжерии, со текстилна конфекција, а има и педесетина возачи на камиони со интернационална етикета.  Крајот на Патувачкото кино беше проследен со проекцијата на филмовите „Музички дијалог“, „На точак“ и „Анплагд“.

Од „МакеДокс“ соопштија дека веќе се почнати и подготовките за седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 20 до 26 август во Скопје.