Со проекции во Прилеп и Неготино започнува третиот „Фестивал на тркала“

Колони филмови од денеска (25.07) по трет пат тргнуваат низ повеќе градови во Македонија. Третото издание на Фестивалот на тркала почнува од Прилеп и Неготино, каде од 25-ти до 28-ми јули ќе бидат прикажани четири филмови од богатата европска кинематографија.

Во киното „Мис Стон“ во Прилеп при Центарот за култура „Марко Цепенков“ вечерва на програмата се анимираниот филм „Мумините и потрагата по кометата“ од 18 часот и долгометражниот „Синиот бран“од 20 часот. Утревечер во истите термини ќе бидат прикажани анимираниот „Курт станува зол“ и францускиот долгометражен игран филм „Место на земјата“.

Во Неготино пак, почнувајќи од вечерва во 20.30 часот, на бината во центарот на градот ќе се прикажуваат филмови.  На програмата се еден анимиран и три играни филмови.

Од Прилеп и Неготино, фестивалот продолжува во Могила, Крушево и Штип.

„Филмските тркала продолжуваат да се движат по патиштата низ земјава и покрај тоа што годинава не добија поддршка од Агенцијата за филм. И покрај тешките економски времиња, фестивалот на тркала им дава на децата и на возрасните низ републиката причина за уживање во квалитетен филм.  Затоа ги покануваме сите граѓани без разлика на возраста да појдат и да уживаат во филмовите кои се во рамки на проектот „Фестивал на тркала 2016““, велат од продукциската и дистрибутерска компанија „Катавеј“ од Скопје, организатори на фестивалот.

Влезот за сите проекции е слободен.