Со проекции на документарни филмови, предавања и изложби археолозите ќе го прослават Денот на археологијата

По повод одбележување на Светскиот ден на археологијата, 28 јули, Институтот за археолошки истражувања – Скопје ќе огранизира настан во НУ Археолошки Музеј на Македонија, каде што ќе има серија предавања од различни теми од археологијата, презентација на аероснимки од неколку археолошки локалитети, фотографии од изминатите изданиjа на изложбата „Archaeology in Progress”, размена на идеи и искуства како и мал коктел.

Овој настан во Македонија се одбележуваше од 2012 до 2014 година, организирани беа настани преку кој за прв пат нашата земја зема учество во одбележувањето на Светскиот ден на Археологијата. Оваа година по кратка пауза Денот на Археологијата повторно ќе се празнува на 28 јули (петок) со почеток во 12 часот.

„Археолозите во Македонија се здружија заедно да го прослават овој ден со изработка на документарни филмови, фото изложба, јавни презентаци, писма, интервјуа, слики, видеа од еден типичен ден на археолошки локалитет и слично, се со цел да ја популаризираме и презентираме македонската археологија и да ја кренеме јавната свест за важноста на археологијата и за заштитата на културното наследство што го имаме“, велат организаторите.

Денот на Археологијата е годишен настан кој последниве седум години се празнува низ целиот свет. Проектот треба да обезбеди прозорец во секојдневниот живот на археолозите. Целта е што повеќе археолози кои работат, студираат или волонтираат било каде во светот да учествуваат во одбележувањето на денот и со скромен придонес снимајќи го нивниот ден или преку споделување текстови, слики или видеа, да го покажат широкиот спектар на работа што луѓето од нашата професија го прават ден за ден низ целиот свет.

Mанифестација е финансирана од Националната програма за култура за 2017 година на Министерството за Култура, а е поддржана од НУ Археолошки Музеј на Македонија.