Со претставата „Догвил“ и фотографска изложба во МКЦ ќе се најави програмата на МОТ

Во пресрет на 41. издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар-МОТ, кој ќе се одржува од 21-ви до 27 септември, во среда (14 септември) Младинскиот културен центар организира МОТ+ програма.

Програмата МОТ + во 19 часот ќе почне со отворање на фотографска изложба „МОТ (1984-1996)“ на Љупчо Илиевски, еден од најистакнатите фотографи, засега единствен од Македонија чии фотографи за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија National Geographic.

Илиевски е автор на девет самостојни изложби, присутен е на повеќе филмски фестивали, а за својата работа е и повеќепати наградуван.

Потоа, од 20 часот во МКЦ ќе се изведува претставата „Догвил“ во режија на Кокан Младеновиќ, на „Миксер Хаус“ од Белград.

Се работи за театарската адаптација на истоимениот филм на Ларс фон Трир. Меѓу другите играат и Бранислав Трифуновиќ и Милица Мајсторовиќ, а музиката за претставата во живо ја изведува Vrooom.

Претставата ја следи приказната на Грејс која бегајќи од гангстери, наоѓа засолниште во навидум идиличниот град наречен Догвил. Исфрустрираноста, тесноградоста и агресијата на жителите на оваа идеализирана заедница бргу ќе излезат на виделина и Грејс ќе стане жртва на оние на кои таа сакаше да им помогне и во чија хуманост и добрина веруваше, наведува МКЦ, информирајќи дека билетите за претставата се веќе во продажба.