Со претставата „12“ и доделување на наградите за животно дело започна 59. МТФ „Војдан Чернодрински“

Педесет и деветото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ се отвори вчера во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со изведба на претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов на Македонски народен театар (МНТ). Се доделија и наградите за животно дело изработени од прилепски мермер на актерите – Снежана Коневски-Руси, Соња Михајлова и Гоце Тодоровски.

„’Смеј се и осмели се’ е мотото на овој фестивал. И како што го одлучив мотото, така почнаа и смеењето и осмелувањето. Од затворањето на театарските сцени овде до секојдневните предизвици во процесот на организирање на фестивалов. Се надевам дека барем до крајот на мојот мандат, до следната година, ќе покажеме дека најважно за фестивалов е да работиме сите заедно за него“, рече уметничката директорка на фестивалот Ана Стојаноска.

Кога ќе стапнам на сцената и имам некоја задача, чувствувам дека постојам, рече актерката Снежана Коневски – Руси.

„Заедно со мојот театар остарев (МНТ, н.з), влегов во осмата декада, како што и тој одбележува 80 години“, истакна Коневски.

Актерката од Битолскиот театар Соња Михајловска посочи дека наградата за неа вреди и е тешка колку што вреди и театарскиот фестивал.

„Има 40-ина години од моето дружење со театарот и во театарот. Сите изминати години за мене ова е возбудлива авантура на умот, срцето. Како што театарот има и светла и темна. Светлата – предизикувачка, да се креира лик потрага по некоја сценска вистина. Другата страна е онаа потемната – предизвикувачката која во земја како Македонија постојано е предизвикана од промени, трансформации и кои неизбежно овие 40 години што ги носам на театарската сцена оставиле и белег и некоја лузна и врз срцето и умот“, рече Михајлова.

„Прилеп е градот на мермерот, а јас сум мермерот меѓу глумците. Од мојот материјал може да се направи многу добар споменик. Мене ме викаат мајстор на импровизации, вие тоа многу добро го знаете. Заедно со Ванчо Петрушевски, кој за жал прерано почина, бевме мајстори на импровизацијата. Во ‘Солунски патрдии’ јас остарев буквално, имав 29 години на премиерата и ја играв до 50 години. Имам снимено преку 600 народни приказни, имам минутажа поголема од Џон Вејн и Марлон Брандо заедно пред камера. Актерот цел живот кажува туѓи зборови, ама добриот актер туѓите зборови ги прави да се свои. Тука е успехот на добриот актер, да ги земеш зборовите и самиот да бидеш тој лик. Најголемата глума е онаа глума која додека глумиш, воопшто да не глумиш“, раскажа Гоце Тодоровски.

Од денес на фестивалот започнува и програмата „Драмолетање“ во која млади драмски автори ќе имаат можност да се промовираат со нивни дела, да се сретнат со директори на театри и други професионалци од светот на театарот. Идејата е да новата драма да се приближи што повеќе до театарските сцени во земјава.

Вечерва на програмата на фестивалот е Народниот театар од Битола со претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски во 19 часот во Центарот за култура. Улогите ги толкуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски и други.

Од 21 часот следува монодрамата со актерот Игор Ангелов, „Сите најубави нешта“, што ќе се игра во галеријата во „Марко Цепенков“. Претставата е на „ОХО Продукција“ и е во режија на Дејан Пројковски.

Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“