Со повеќе еколошки акции Македонија се вклучи во Светскиот ден на глобално чистење

Во повеќе градови низ Македонија денеска се спроведуваа еколошки акции по повод 15-ти септември, Светскиот ден на глобално чистење. Министерството за животна средина информираше дека акцијата „Македонија без отпад 2018 година“, која ја организираа во соработка со Град Скопје и здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грун“, била успешно спроведена.

“Денес и Македонија се вклучува во светскиот ден на чистење, а акцијата покрај тоа што ќе придонесе да се исчистат одредени површини има за цел да ја подигне јавната свест и потсети за одговорноста на сите нас во сочувувањето на нашата планета”, изјавил заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Глобалната акција за чистење иницирана е од движењето „Let ’s Do it! World“ кое од 2008 година им помага на владите, општините и компаниите да го исчистат отпадот во своите земји.