„Со полиција и насилство нема образование“ – грчките студенти на протест

Студентите во Атина протестираат по судирот со полицијата во понеделникот, кога беше употребен солзавец против нив. Тие деновиве реагираат против затворањето на угледниот атински универзитет, каде властите извршија рација за да конфискуваат материјали за кои веруваат дека биле користени во насилни демонстрации.

Полицијата најде и одзеде од универзитетот моторциклистички кациги, маски за лице и други материјали, по што универзитетските власти решија да го затворат Универзитетот на една недела.

Левичарските партии велат дека универзитетската автономија им забранува на безбедносните сили да влезат во универзитетите и тоа ја штити слободата на изразување на студентите. Но, според Владата која дојде на власт во јули, универзитетската автономија е покритие за беззаконие.

Според локалните медиуми, околу 200 студенти се собрале пред Универзитетот за економија и бизнис, каде што неколку десетици ја пробиле заклучената порта и влегле во предниот двор. Полицијата употребила солзавец и петарди за да ги растера студентите кои фрлале камења и се судриле со полицајците, додека други извикувале пароли.

Насилството во понеделникот се случи една недела пред годишниот марш за одбележување на студентскиот револт кој се случи во 1973 година. Масовното студентско демонстрирање познато и како Атинско политехничко востание започна на 14 ноември 1973 година, ескалираше во отворен револт против антихунтата и заврши во насилен протес во раните утрински часови на 17 ноември по серија настани што започнаа со пробив на тенк пред портите на Политехничкиот факултет.

45 години по демонстациите, студентите под слоганот „Со полиција и насилство нема образование” се организираат на социјалните мрежи за нов протест во главниот град. Од вчера па сѐ до 17 ноември, затворени се околу 25 факултети од цела Грција. Предавањата нема да се одржуваат, а просториите се под опсада.