Со подобра соработка на властите, универзитетите и приватниот сектор до развој на младинското претприемништво

Неопходна е поголема соработка помеѓу властите, универзитетите и приватниот сектор за подобрување на младинското претприемништво и вработувањето, покажа новото истражување на Институтот за европска политика. Како што истакна Ангел Мојсовски од Институтот, истражувањето се фокусира на неколку важни теми.

„Темите на истражување кои ги поминавме беа младинското вработување, младинско претприемништво и образование за претприемништвото. Направивме 20-тина полуструктуирани интервјуа со засегнати чинители од академијата, приватниот сектор, невладини, меѓународни организации како и дел од универзититет и факултетите. Исто така беа анализирани, примарни и секундарни податоци и домашна и меѓународна литература,“ појасни Мојсовски.

Покрај презентацијата на истражувањето, се одржа и панел дискусија на оваа тема на која присуствуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој се осврна на мерките што Министерството ги преземало за зголемување на вработливоста на младите, како што се тие со Фондот за иновации и технолошки развој.

Истакна и дека невработеноста опаѓа, а заложба на министерството е креирање политики за младите да  имаат подобри и поплатени работни места. Запрашан за недоволната соработка помеѓу властите, универзитетите и приватниот сектор и за тоа како таа може да се подобри, министерот Бектеши истакна:

„Што се однесува до соработката, младите се во право. Ние веќе почнавме да ги вклучуваме сите засегнати и во креирањето на политиките, тоа го направивме и со новиот план за економски раст. Моментално работиме и на стручното или на дуалното образование каде веќе почнуваме со јавни дебати и секторот за економски прашања во склоп на владата, но истовремено МТСП и МОН сите заедно работиме. Ќе организираме јавни дебати со цел да се вклопи барањето на пазарот на трудот со образовниот процес во нашата држава. Тука секако најмногу можат да ни помогнат младите, тие ги знаат своите барања, но истовремено се соочуваат со проблемите откако го завршуваат образовниот процес,“ рече Бектеши.

На настанот покрај презентација на истражувањето и панел дискусијата им беа доделени награди на три младински тимови кои имаат свои бизнис идеи,а кои сакаат да ги реализираат во својата држава.

„За да стигнат до овој чекор младите поминаа четиримесечна школа за претприемништво наречена „Од идеја до старт-ап“ и денес ќе имате можност да ги слушнете нивните идеи и да ги врачиме свечено наградите што ќе ги добијат. Наградите се од материјална и финансиска природа и ќе бидат нивната почетна точка во реализирање на бизнисите. Тоа што со сигурност можам да ви го кажам, и  овој настан сведочи за тоа, иако истражувањето покажува дека треба да работиме на соработката, за настанот се одзваа сите институции и чинители кои ги сметавме за значајни за младинското претприемништво и вработување, и многу сме среќни што барем покажуваат дека имаат желба да се создаде таа соработка.  Ќе бидат три наградени со 1500, 1000 и 500 евра.“ изјави Сања Стефановиќ, од Младинскиот образовен форум.

Мартин Колоски