Со поддршка на ЕУ и УНДП ќе се спроведува нов проект за заштита на природата

Со проект вреден 4,3 милиони евра, финансирани од Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите Нации, ќе се подобрува управување со природните ресурси во заштитените подрачја во земјава. Проектот ќе се спроведува во следните 28 месеци, од УНДП и во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање .

„Успешната имплементација на овој проект ќе придонесе за подобро и поодржливо управување со природните ресурси во заштитените подрачја во државата. Ќе покажеме со конкретни примери дека инвестирањето во заштитата на природата ќе донесе економски придобивки за општините“, вели министерот за животна средина Садула Дураки.

Од Министерството информираат дека се поставени амбициозни цели во врска со заштитата на природата бидејќи мрежата од 86 заштитени подрачја покрива околу девет проценти од државната територија. Сепак, додаваат, не секогаш прогласувањето на одредена територија за заштитено подрачје е проследено со спроведување на ефикасни мерки за негова заштита и за заштита на природните богатства на државата.

„Европската унија постојано и помага на земјата во градењето на подобра иднина за нејзините граѓани. Веруваме дека овој проект ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата и заштитените подрачја истовремено подобрувајќи ги животите на луѓето“, изјави амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар.

Грантовите ќе се употребат на два начина: едни за поголемите, поразвиените заштитени подрачја со етаблирани управувачки структури (како на пример, националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово) и други за помалите, помалку развиени заштитени подрачја, каде што се уште нема воспоставено управувачка структура. Проектот ќе додели околу 20 грантови, кои ќе бидат имплементирани од управувачките тела на заштитените подрачја, локалните самоуправи и НВО-ата.

Исто така, преку проектот ќе бидат изградени неколку мали пречистителни станици, со цел да се демострира нивниот потенцијал како евтино решение за справување со предизвците за заштита на животната средина, со кои се соочуваат многу локални заедници кои се во близина на заштитени подрачја.

„Земјата глобално е позната како дел од оние земји со несомнено најбогат биодиверзитет“, изјави постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон. „Ние во УНДП сме почестени што ја имаме оваа нова можност да работиме заедно со нашите национални партнери со цел да обезбедиме дека ова природното богатство е зачувано за сите идни генерации“.