Со планинарски марш до Водно, што го организираа Европското движење на Република Македонија (ЕДРМ) и Делегацијата на ЕУ денеска беше одбележан Европскиот ден на знамето.
Планинарскиот марш почна пред седиштето на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, каде што претседателката на ЕДРМ, Милева Ѓуровска и евросоветникот на Делегацијата на ЕУ, Робин Лидел, извршија размена на знамињата на Република Македонија и на Европската унија.
Оваа размена на знамињата е традиционална и има симболично значење. Годинава на оваа традиционална манифестација за првпат се приклучи и Холандската амбасадoрка Мариет Шурман, така што покрај македонското и европското, се развиори и холандското знаме.
Трите знамиња на крајот од маршот беа поставени на врвот на Водно. Освен церемонијалниот карактер, оваа манифестација има цел да го афирмира спортот и планинарските рекреативни активности. На планинарскиот марш учествуваа членови на повеќе планинарски друштва и голем број граѓани.