Со песни и пакетчиња, ученици од „Владо Тасевски“ ги израдуваа децата во болницата „Козле“

Божиќни песни и пакетчиња под прозор им подарија ученици од основното училиште „Владо Тасевски“ на децата кои престојуваат во болницата „Козле“ во Скопје. Тие се обидоа барем за момент да ги израдуваат дечињата кои поради Ковид-19 ќе ги поминат новогодишните празници во болница.

Додека училишниот хор пееше, од болничките прозорци наѕираа детски погледи и на медицинскиот персонал што се грижи за нив.

Целата идеја ја смислиле учениците Марко, Максим и Искра, кои се во деветто одделение во „Владо Тасевски“. Ова почнало како задача по предметот Граѓанско образование, каде требало да научат што е активизам низ пракса. Нивна менторка низ целиот процес беше професорката Симона Петковска Илиеска.

„Периодов е новогодишен и сакаме да го поминеме со најблиските во домашен амбиент. Но, тие што се во болница не можат да си го дозволат тоа. Идејата е да се зближиме, а поради ситуацијата, тоа не можеме да го направиме физички, барем од далеку“, вели Марко.

Максим, Марко и Искра со нивната менторка, професорката Симона Петковска Илиеска

Откако ја имале замислата, почнале со нејзина реализација. Заедно со наставниците и родителите направиле донаторска акција со која собрале доволно средства за 12 таблети кои денес ги донираа на болницата. Тие ќе служат на сите идни пациенти, деца кои се лекуваат во установата.

На овој начин, велат младите иницијатори на акцијата, децата ќе можат да се поврзат со волонтери за да добијат емоционална поддршка или со наставници за да им помогнат во совладување на наставните содржини. За помалите пациенти, пак, купиле едукативни играчки и книги.

Искра вели: „Се надеваме дека подобро ќе се чувствуваат децата во болницата, дека ќе им е подобро, бидејќи за Нова Година ќе се тука, најубавиот период од годината“.

Покрај ова, тие донираа и сопствени дизајни за маици кои ги донираа за докторите и медицинскиот персонал како и дизајни за постери наменети за секоја детска соба во болницата. Со оваа сакаат да им дадат поддршка и на лекарите херои кои во моментов се грижат за децата.

Максим, пак, се потсетува дека за да ја реализираат денешната акција вложиле два месеци труд. Тој се надева дека и во иднина ќе има шанса да организира слични акции.

Моментално во Детската клиника „Козле“ се хоспитализирани деца позитивни на Ковид-19. Но, во овие амбуланти доаѓаат и деца со настинка и сезонски грип.

Во моментов, во установата има 12 деца, но полека опаѓа бројот, вели Бесник Зеќири, медицински директор, кој од страна ја следеше акцијата на учениците.

„Секоја акција кога се работи за деца е добредојдена, затоа што децата и кога се болни се радуваат и на најмал подарок. Сето ова што денес е донесено не е баш мал подарок“, рече тој, заблагодарувајќи се на наставниците и учениците за акцијата.

Од училиштето истакнуваат дека веќе трета година по ред поттикнуваат младински активизам, со кој учениците низ конкретни акции покажуваат општествена одговорност, хуманост и ученичко учество.

Е.П.