Градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков, не дозволил на новинарската екипа на Канал Вис да го снимаат неговото излагање за референдум за рудникот Иловица. На вчерашната јавна седница на советот, тој го натерал снимателот да ја исклучи камерата, а советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Божин Јованов ги пцуел и ги навредувал, информираат од телевизијата.
Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осудија вербалниот напад и недоличното однесување кон новинарската екипа.
„За ЗНМ е недозволиво градоначалник на една општина, во случајов Блажо Велков, да спречува новинари во професионално работење, иако станува збор за јавна седница, какви што треба да бидат сите седници на еден општински совет. Уште понедолично е колегите да бидат навредувани од советници избрани од граѓаните. Тие наместо да се залагаат за отчетност и транспарентност пред избирачите, а тоа најдобро се прави преку медиумско пренесување на нивната работа, се обидуваат да ги спречат новинарите во исполнување на своите обврски. ЗНМ бара одговорност за ваквото недолично однесување на градоначалникот и советникот од општина Ново Село. Најмалку што може да сторат е јавно да им се извинат за таквите свои постапки на колегите од ТВ ВИС. Истовремено, ги повикуваме политичките партии пред локалните избори да ги повикаат своите членови и активисти да се воздржат од ваквото однесување кон медиумите“, стои во реакцијата на ЗНМ.
Реагираа и од Советот за етика во медиумите, кои повикаа на преземање мерки за расчистување на ваквите настани, особено кога новинарот е спречен да информира за теми од широк јавен интерес.
„Затвореноста на институциите, организациите или функционерите не може да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста. Од друга страна, безбедноста на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери“, стои во соопштението од Советот.
Од Канал ВИС информираат дека за нападот ја известиле и Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги.