Со „Ослободување на Скопје“ отворено 37-то издание на „Браќа Манаки“

Со македонската премиера на „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија, сниман низ битолските улици, синоќа беше отворен 37-от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Денеска на пресконференција беше презентиран целиот тим кој учествуваше во ова филмско остварување, за кое Шербеџија изјави дека долго време имал желба да го сними.

„Во овој филм мене ме интересираше актуелноста на приказната, темата за војните во опкружувањата, но гледана со очите на едно дете. Се интересирав за судбината на тоа дете, анализирав што тоа дете гледа и сето тоа да го поврзам со денешната ситуација кога гледаме како илјадници деца посведочиле или сведочат за една крвава историска сцена во која сите ние учествуваме овие години“, рече Шербеџија.

На вчерашното отворање на манифестацијата под мотото „Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола“, претседателот Ѓорге Иванов, како покровител на настанот, на австралискиот кинематограф и оскаровец Џон Сил му ја врачи златната „Камера 300“, награда за животно дело. Наградата претходно ја доби и холандскиот кинематограф Роби Милер, кој не можеше да присуствува на манифестацијата од здравствени причини.

Пред почетокот на фестивалот активистите на „Битолското движење“ приредија герила-акција при пречекот на политичарите, со пораки на кои пишуваше „Веома врло културно“ и „Маските долу“.

На годинешново издание на „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани 150 филмови во  различни категории, а во официјалната конкуренција ќе се натпреваруваат 14 филмски остварувања, избрани од светските филмски фестивали во Кан, Берлин и Венеција. Фестивалот ќе трае до 17 септември, а ќе го затвори  премиерата на новиот македонски филм „Златната петорка“ на режисерот Горан Тренчовски.