Со онлајн кампања Македонка во САД собира средства за училиштата во Кичево

Згрозена од состојбата во која се наоѓаат училиштата во Кичево, младата Симона Томеска, која од своите осум години се преселила да живее во Соединетите Американски Држави, покрена онлајн кампања на познатата страница за собирање средства Go fund me.

„Во изминативе неколку години, училиштето остана непроменето за децата во Кичево. Имам три млади братучеди на возраст од седум и 13 години. Бев згрозена кога првпат ми кажаа дека нивното училиште било затворено. Остануваа со недели дома, неколкупати.

Училиштето повторно ги затвори своите врати и ги врати децата дома. Образованието на децата не треба да страда поради недостигот на финансиска поддршка за училиштето да продолжи да работи. Не е праведно. Училиштата се затвораат бидејќи нема струја.

Иако не можам да бидам таму за да направам нешто, сакам да направам се што можам за да се осигурам дека ќе добијат можност за стабилно образование. Сакам да направам промена во нивниот живот и да помогнам да се вратат во училиште“, пишува Томеска на страницата, која за еден ден успеа да собере повеќе од 200 долари.

Таа ја покрена оваа кампања со цел да се соберат пари за училиштата во Кичево. Првично, си поставила цел да собере 5000 долари, но вели дека би била задоволна и со помалку.

„Ве повикувам, ако читате ова да помогнете да ги вратиме овие деца во училиште. Секој долар може да направи разлика. Навистина ја ценам вашата помош и поддршка. Ниедно дете не треба да пропушти да оди на училиште. Нешто треба да се направи. Помогнете ми да ги вратам овие деца во училиште“, стои во описот на онлајн кампањата.