Со новиот француски закон децата „инфлуенсери“ ќе се третираат како детски работници

Малите ѕвезди на социјалните медиуми во Франција ќе бидат регулирани со нов закон според кој активноста на популарните деца ќе ја третира како детска работа.

Заработените пари и часовите одработени од деца под 16 години кои поминуваат значително време создавајќи и објавувајќи содржини на интернет ќе бидат заштитени според новиот француски закон.

Заработките на децата ќе бидат „замрзнати“ на банкарска сметка која ќе биде достапна откако „инфлуенсерите“ ќе наполнат 16 години. Секоја компанија која ќе сака да најми малолетна интернет ѕвезда, најпрво ќе мора да побара дозвола од локалните власти.

Законот со име „Експлоатацијата на сликата на децата преку онлајн платформите“ за прв пат бил предложен во 2019 година и беше изгласан со целосна согласност во вторникот.

Бруно Штудер, пратеникот зад законот, истакнал дека со воведувањето на законот, Франција станува пионер во развојната индустрија на таканаречените детски „инфлуенсери“.

„Детската работа е забранета во Франција, но постојат исклучоци, особено на интернет“, додал тој.

Законот истовремено воведува и „право да бидеш заборавен“, што ги присилува социјалните мрежи и останатите интернет платформи да избришат видео или останата содржина на барање на децата. Децата „инфлуенсери“ се најпопуларни на „Јутјуб“, платформа на која нивните видеа достигнуваат милионска гледаност секој месец.

Според магазинот „Форбс“ највисоко платената „Јутјуб“ ѕвезда за 2019 година бил осумгодишниот Рајан Каџо, кој се смета дека заработил над 26 милиони долари. Третата највисоко платена „ѕвезда“ е петгодишното девојче од Русија, Анастасија Раџинскаја, која во 2019 година заработила околу 18 милиони долари преку објавување содржини на различни социјални мрежи.

Освен директната заработка, многу од овие деца имаат и спонзорства од луксузни компании за облека и играчки.

Минатата година, од „Јутјуб“ изјавија дека работат на ограничување на видливоста на детските канали откако платформата беше обвинета за прекршување на Актот за детска приватност на интернет.

Извор: Independent