Со новата апликација „Travelers Cycling Macedonia“ на велосипедистите им е олеснено да најдат рута, сервис, пумпа или чешма

Во годината кога „Travelers Cycling“ слават пет години и 10 години постоење на „Travelers.mk“, тие ја претставуваат мобилната апликација „Travelers Cycling Macedonia“ – првата од ваков тип во Македонија и регионот.

„Апликацијата е наменета за сите кои го користат велосипедот – било како превозно средство, рекреација или авантура. Нашата цел е да го направиме велосипедизмот полесен, побезбеден и поеколошки, и да мотивираме што повеќе луѓе да ги остават автомобилите дома и со тоа да придонесат за почисти градови“, соопштуваат од „Travelers Cycling“.

Нагласуваат дека со апликацијата „Travelers Cycling Macedonia“ да се испланира безбедна патека по означени велосипедски рути, потоа да се најде вело паркинг, сервисен пункт, чешма или фонтана, исто така да се следи временската прогноза и позицијата на сонцето, како и да се добива известувања за препреки, настани, совети и новости.

Апликацијата е достапна на „Play Store“, а наскоро и за другите уреди.

„Апликацијата е целосно непрофитна и нејзината единствена цел е да ги мотивира луѓето што повеќе да го користат велосипедот како средство за превоз, со што би се зголемила сообраќајната култура, би се намалил метежот на улиците, а како резултат на тоа – би се намалило и загадувањето на воздухот“, стои како инфо во самата „Travelers Cycling Macedonia“.

Според креаторите, придобивки од велосипедизмот имаат сите – не само оние кои возат, туку и оние што се наоѓаат во своите домови, дишејќи почист воздух благодарение на совесните граѓани што избрале точак како превозно средство.

„Со мотивирање на луѓето, бројот на велосипедисти на улиците би се зголемувал секојдневно, а со тоа и потребата за подобрена и побројна велосипедска инфраструктура. На тој начин, градските власти би биле принудени сè повеќе да инвестираат во велосипедската инфраструктура, што би им овозможило на велосипедистите полесно да се движат“, нагласуваат креаторите.

Освен рути за движење, паркинг-места, чешми, на апликацијата се додадени и локации на воздушни пумпи, како дел од јавните простори за сервис, како и бензиските пумпи кои поседуваат пумпа.

„Ова ќе им помогне на велосипедистите со послаба гума да ја пронајдат најблиската воздушна пумпа, со цел безбедно да стигнат до својата дестинација“, стои во апликацијата.

Бојан Шашевски