Со настани на трите ката, Јавна соба ќе го прослави третиот роденден

„Јавна соба“ викендов одбележува три години постоење. По тој повод, во сабота од 21 часот ќе ги отвори вратите на трите ката. Најавува одлична музичка програма од, како што наведува, урбани музички ликови.

Ди-џеите Еми Ермилова и Ангел Анкс ќе бидат зад пултот на приземјето, посебно интерактивно катче со инсталации за опуштање е предвидено за првиот кат, додека поткровјето е резервирано за концерт на Георги Шаревски и „The Instincts”, како и за завршниот сет на Јан Конен.

-Јавна соба е местото кое ги собира сите генерации, млади, стари. За некои од нив ова е местото кое се ушушкуваат како дома. Релаксирано, креативно ќоше кое го препознаваат дури и оние кои за прв пат стапнуваат на тлото на Скопје. Велат, Public Room, или Соба по нашки, е како стара железничка, поминуваат и се враќаат урбаните ликови, ликовите со карактер и сенс да препознаат добра изложба, одличен музички настан, да вкусат одлична храна, да ја  почувствуваат магијата на Скопје. Соба те остава без здив, стана совршен „match” кога станува збор за настани од областа на културата, дизајнот, создавањето и поттикнувањето. Носител и креатор е на Skopje Design Week единствениот настан кој ги донесе светски познатите дизајнери, инсталации, поставки, прототипи и стана поим за иновативност, дизајн експресија со карактер, но Соба исто така е дом на врвни музичари, актери, поети и кулинари, наведуваат од „Јавна соба“.