Со музички настан во Жена парк започнува кампањата „Излези за ГТЦ“

Во понеделник започнува кампањата „Излези за ГТЦ“, за првиот локален референдум во Македонија за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар во Скопје.

Со почеток во 20 часот, во Жена парк, со кратки пораки ќе се обратат и претставници на иницијативата „Го сакам ГТЦ”, Асоцијацијата на Архитекти на Македонија и граѓански активисти. Од иницијативата најавуваат и музички настапи во живо на поддржувачите: Ана Костовска и Симон Киселички, The John, Џака Накот и Bon Praskiza & Donplaya.

На претстојниот референдум кој ќе се одржи на 26 април, за изгледот на ГТЦ ќе одлучуваат жителит од општина Центар. Од граѓанската иницијатива упатија повик до сите граѓани да се вклучат како волонтери и да помогнат за зачувување на ГТЦ.

Според резултатите од истражување на јавното мислење кое во изминатите денови било спроведено на територијата на општина Центар, високи 86,2% од граѓаните на Центар ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“, а дури 32,5% во изминатите две години учествувале барем во една активност или кампања како што е гушкањето, потпишувањето петиција или протестирањето. Истражувањето, исто така, покажало дека дури 85% од граѓаните на Центар ја поддржуваат одлуката да се одржи референдум за изгледот на ГТЦ, додека пак 82,1% се согласуваат со ставот дека „ГТЦ треба да се реновира, но со задржување на автентичниот изглед на фасадата“.