Со медиумска „неписменост“ не може до активно граѓанство

Во учебникот по граѓанско образование, наменет за основците од деветто одделение, медиумите се делат на две групи – комерцијални и сериозни. На комерцијалните најважен им е профитот, а сериозните медиуми во своите програми нудат корисни, воспитни и образовни емисии и за нив се вели дека доследно си ја вршат својата задача.

„Цел живот се бавам со оваа област, но некој да ме прашаше за ваква поделба на медиумите, веројатно би паднала на испит“, рече професор Весна Шопар, уредник на истражувањето за медиумската писменост во Македонија: „Алката што недостасува за активно граѓанство“, кое денеска беше презентирано.

Таа посочи дека медиумската писменост, како способност за пристап, разбирање, анализа и критичка оценка на медиумските содржини и комуницирање на информации во сите нивни форми, е непозната категорија во Македонија. Во законодавството е застапена само во медиумската сфера, во образованието не постои во ниеден документ, а кај граѓанскиот сектор нема организација која посебно се занимава со промоцијата на медиумската писменост.

Средношколката Ивана Крстиќ вели дека медиумската писменост е од голема потреба за младите луѓе како предуслов за развој на активно граѓанство. За да почне процесот вистински да се спроведува, вели таа, потребна е реформа – преку ресетирање и прашање: кои се вистинските вредности кои треба да ги има образовниот систем.

„За жал формалното образование не ја нуди можноста да се развие критички став и секоја информација од различен медиум да се разгледа на многу различни начини и да се развие свест кај индивидуата што ние слушаме, што ние гледаме и што нас ни е вистински потребно“, рече Крстиќ.

dsc_0938

Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, објасни дека иако истражувањето не е сеопфатно и опфаќа само три области, сепак претставува редок обид да се третира оваа област и да се пополни недостатокот од академски и применети истражувања. Теменугова извести дека во рамките на проектот на граѓанските организации ќе им бидат понудени грантови за предлози за едукација на граѓаните за умно користење на медиумите и иницирање позитивни промени во општеството преку употребата на медиумите.

Уредникот на весникот „Нова Македонија“, Марјан Велевски рече дека постојано се трудат да ја развиваат медиумската писменост на младите читатели преку посебни прилози како „колибри“ и „медиум“.

Јаромир Левичек од Делегацијата на Европската Унија рече дека медиумската писменост оди рака под рака со слободата на медиумите и плурализмот – се надополнуваат и се засилуваат.

„Да се биде медиумски писмен, овозможува учество на граѓаните во демократските процеси. Тоа е важно за граѓаните да ги следат сите промени во технологијата и општеството. Таа е важна и како неопходен одговор на медиумската слика која постојано се менува и е комплексна. Во последниот период е и елемент во дискусиите за борба против радикализацијата, говорот на омраза и промоцијата на основните човекови права.

Емилија Петреска Камењарова, од Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, соопшти дека во завршна фаза е втората јавна набавка за агенција која ќе го спроведе истражувањето на медиумската писменост кај возрасната македонска популација, откако претходното истражување не било успешно.

На конференцијата, иако биле поканети, не учествуваа претставници на Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација.

Истражувањето е спроведено во рамките на проект за медиумската писменост на Европската Унија, а го реализираат Високата школа за новинарство и за односи јавноста, во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и дневниот весник „Нова Македонија“.