Со Мечинг фонд од 2,5 милиони евра ќе се поттикнува претприемништвото кај Ромите

Со Мечинг фонд од 2,5 милиони евра македонските институции ќе се обидат да го поттикнат претприемништвото кај ромската заедница во земјава.

Фондот на Владата, Министерството за труд и социјална политика, на Агенцијата за вработување и на Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, кој денеска беше промовиран, е во вид на поволни кредитни линии за невработени лица и регистрирани субјекти заради создавање на услови за нови вработувања, за поддршка за формализација на сивата економија, како и за поттикнување на претприемништвото кај Ромите.

„Со мечинг фондот, првично вреден 153,5 милиони денари, создаваме услови за едноставно достапни и поволни наменски средства за да го поттикнат развојот на претприемништвото во ромската заедница и за полесен премин во регистрирана дејност, егзистирање, но и унапредување и проширување на бизнисот. Нашите очекувања се дека некаде околу 50 – 100 невработени лица и регистрирани субјекти годишно, управувани од Роми преку овие мерки ќе имаат пристапни и поволни услови до финансиски средства за формализација, реализирање на бизнис идеи, самовработување и унапредување на бизнисот“, истакна Премиерот Зоран Заев.

Истовремено беше потпишан и Меморандум за соработка во рамките на проектот „Ковид – Итни интервенции во Општина Шуто Оризари“ обезбедени се финансиски средства во износ од 63,800 евра. Со дел од средствата обезбедена е набавка на амбулантно возило за Поликлиниката во Шуто Оризари, а другиот дел од средствата ќе се наменат за обезбедување на работен ангажман во период од 24 месеци на две лица Роми кои што ќе бидат ангажирани во рамките на здравствен дом Скопје за потребите на Поликлиниката во Шуто Оризари и за функционирање на амбулантното возило за итна помош.

„Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде засилена и со поддршка на ЕУ, особено во делот на финансиската поддршка за регионалната економска соработка, зелените инвестиции, како и во делот на поддршката на јавниот и приватниот сектор. Фондацијата отворено општество ќе продолжи со поддршката за РЕДИ, за Северна Македонија и за другите земји во регионот“, потенцираше Алекс Сорос, заменик-претседател на Фондацијата отворено општество.