Со масовна улична забава граѓаните во Прага славеа крај на кризата со коронавирус во земјата

Стотици луѓе вчера се собраа на Карловиот мост во Прага за да го прослават крајот на кризата со коронавирусот во Чешка преку групна вечера покрај маса долга повеќе од 500 метри.

Масовната улична забава се одржа само неколку часа пред да се укине обврската за носење маска за лице во јавноста – освен во Прага.

https://www.facebook.com/pragueday/videos/268475211129233/

Земјата членка на ЕУ со 10,7 милиони луѓе ги олесни повеќето антивирусни мерки што ги воведе уште на самиот почеток од кризата со Ковид-19. Земјата закрепна релативно добро, регистрирајќи помалку од 12,000 заразени лица со коронавирус и под 350 смртни случаи. Сепак, над илјада новозаразени се регистрирани во последната недела.

На мостот од 14 век, граѓаните се собраа на грицки и пијалаци што ги донеле од дома, споделувајќи ги со другите на масата што се протегала на 500 метри.

„Секој мораше да стори нешто за да биде тука, да донесе храна или цвет. Идејата беше сите да се вклучат“, рече сопственик на кафуле во Прага и организатор на настанот, Ондреј Кобза, за АФП.

„Сакаме да го прославиме крајот на кризата со коронавирус, кога луѓето ќе се сретнат и ќе покажат дека повеќе не се плашат да ги сретнат другите. Дека не се плашат да прифатат залак од сендвич од некого“.

„Општеството не смее да се плаши. Во спротивно, ќе имаме економска криза, депресија и тоа ќе го погоди општеството потешко од Ковид-19“, рече Кобза.

https://www.facebook.com/pragueday/videos/2742586282643847/

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди претходно оваа недела дека пандемијата „не е ни приближно до завршена“ и дека „всушност се забрзува“ во многу земји.

Смртните случаи поврзани со Ковид-19 се дуплирале за нешто помалку од два месеци, со 50.000 смртни случаи регистрирани меѓу 19 и 29 јуни, соопшти СЗО.

На глобално ниво, повеќе од 511,000 луѓе засега се знае дека умреле од новиот коронавирус, според извештајот од универзитетот Џонс Хопкинс. Канцеларијата на СЗО во Европа, исто така, предупреди минатата недела дека 30 од 54 земји во регионот забележале зголемување на нови кумулативни случаи и дека е забележано „значително повторно оживување“ во 11 земји.

Чешка во последниве денови бележи остар пораст на бројот на заболени, при што 1.244 новoинфицирани се регистрирани само во изминатата недела, пренесува агенцијата на Обединетите Нации.

Поголемиот дел од ограничувањата со цел превенција од ширење на вирусот во источноевропската земја беа укинати низ целата земја. Баровите и рестораните веќе не се ограничени во работните часови и веќе не е задолжително да се носат маски за лице во јавноста, но локалните власти сè уште можат да наметнат свои мерки.

На пример, Прага ја прошири обврската за носење маска за лице во секоја ситуација кога не може да се почитува социјалното растојание од најмалку два метра.