Со два дена задоцнување, на свечна академија Студентскиот парламент на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (СПУКМ) го одбележа 11 декември – Денот на македонските студенти.
Обраќање имаше претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски, кој им врачи благодарници на министерот за образование Сафет Незири и проректорот за меѓународен развој, Мери Цветковска, за придонесот на МОН и УКИМ во македонското високо образование.
Спировски пред присутните набројуваше што остварил СПУКМ, како и што ќе прават до година. Ги најави проектите со кои треба да се подобри студентскиот стандард, активности во спортот, културата, како и попусти за студенти во одредени ресторани, кафулиња и други објекти.
„2014-та е година во која очекуваме да ги реновирате студентските домови“, рече Спировски обраќајќи му се на заменик-министерот за образование и наука Сафет Незири.
Заменик-министерот Незири ги посочи големиот број реформи во високото образование, но им порача на студентите дека не треба да молчат.
„Целта е вие да ги продолжите студиите и во втор и во трет циклус и на вас да бидат горди родителите, професорите и државата. Вие не смеете да бидете молчаливи, секогаш треба да го кажете тоа што го мислите, затоа што вашата мисла е гордост за сите“, рече Незири.
Како што веќе пишуваше Радио МОФ по повод 11 декември, изминатава година беше мошне тешка за македонските студенти. Три пожари, многу лебарки и ужасни услови во студентските домови е само дел од билансот со кој се соочија студентите во годината што измина, која се чини не остави простор за поголемо славење на Денот на македонските студенти – 11 декември.