Со купена карта за EXIT се добива бесплатен влез за уште три фестивали

Тимот на EXIT фестивалот следното лето пристигнува и во Истра, Хрватска. Организаторите на фестивалот, кој досега освои четири награди за најдобар европски фестивал, следната година ќе поврзат четири фестивали во регионот под називот „Лето на љубовта 2017“. Како дел од големата новогодишна акција, од Пасворд продукција соопштуваат дека со купена карта за EXIT, влезниците за останатите три фестивали се подарок.

Прв во низата фестивали е Sea Star, новиот фестивал во Истра кој на 26-ти и 27-ми мај ќе се одржи во туристичкиот комплекс во Умаг – Stella Maris. Веќе е познат дел од програмата на главната бина, која првата ноќ ја предводи еден од најпопуларните светски бендови The Prodigy, а потврдени се и милениците на регионалната публика култните Dubioza kolektiv, како и истарските домаќини Urban&4.

Новиот фестивал ќе претстави десетици најзначајни имиња од светската и регионалната музичка сцена на шест различни бини, а покрај двата главни фестивалски дена посетителите во туристичкиот комплекс Stella Maris ги очекува и голема журка за загревање во четврток, 25-ти мај, како и журка за оние најиздржливите во недела, 27-ми мај.

Следниот фестивал во низата, романскиот Revolution фестивал, номиниран е дури во две категории за Европските фестивалски награди, за Најдобар нов и Најдобар мал фестивал во 2016 година. Третото по ред издание на фестивалот во Темишвар ќе се одржува на 2-ри и 3-ти јуни и како и претходните години, ќе ги претстави музичарите од целиот свет, а првите најави на изведувачите се очекуваат после празниците.

Веднаш по EXIT фестивалот, кој се одржува од 6-ти до 9-ти јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, EXIT Авантурата како и претходните години продолжува со ново, веќе четврто издание на Sea Dance фестивалот, кој следната година ќе се одржи од 13-ти до 15-ти јули. Новото издание ќе донесе бројни иновации во продукцијата и промоцијата, а EXIT тимот за следната година ги здружи силите со водечките продуценти од Ибица и Велика Британија заслужни за популарните фестивали како што се Annie Mac presents Lost and Found од Малта, Hideout на Зрќе, британскиот Parklife и култниот The Warehouse Project во Манчестер.

Во Будва доаѓа и дел од тимот на Kendal Calling кој е всушност прогласен за еден од најдобрите британски фестивали во категоријата до 40.000 посетители. На настаните кои овој тим ги работи во Шпанија, Малта и Хрватска, годишно патуваат преку 30 000 посетители само од Велика Британија, но и неколку десетици илјади туристи од целиот свет.

Акцијата со влезниците ќе трае само за време на претстојните празници, така што со влезниците за EXIT фестивал по цена од 3 580 денари, купувачите добиваат на подарок и влезници за уште трите фестивали.

Бројот на влезниците во оваа акција е многу ограничен, велат од Пасворд продукција, а сите купувачи, веќе постоечките и идните, своите EXIT влезници ќе можат да ги регистрираат од 1-ви до 28-ми февруари на сајтот www.exitfest.org . Влезниците за EXIT новогодишната акција достапни се преку www.mktickets.mk и во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат).

Сите четири фестивали во организација на тимот на EXIT, следната година прославуваат 50 години од славното „Лето на љубовта 1967“, кога настана револуционерното хипи движење кое засекогаш го промени светот, борејќи се за мир, слобода на говор, човекови права, односно општествена, расна и полова рамноправност. Како единствен современ музички фестивал кој настана од борбата за општествени промени и чија мисија е поврзување и регионална соработка, EXIT на овој начин сака да ја зачува основната идеја од која настанаа и првите големи музички фестивали, уште кон крајот на шеесетите години на минатиот век, како Woodstock, Monterey и други, како и да ги пренесе пораките на тогашното движење кои на денешниот свет му се потребни повеќе од било кога.