Со концертот„Данте“ Филхармонија ја заокружува концертната сезона

Во четврток (20 мај) во 20 часот, со концертот насловен „Данте“, Филхармонија ја заокружува оваа концертна сезона. На последниот концерт во официјалниот дел од сезоната ќе бидат изведени дела од Фомин, Лист и Пачини, а солист е пијанистот Андреј Гугнин од Русија. Оркестарот ќе го води Габриел Бебешелеа, шеф диригент на Филхармонија.

Јевстигениј Фомин (1761-1800) е руски композитор со украинско потекло. Пред да ја напише операта „Орфеј“, овој композитор имал неколку неуспешни обиди за креирање музичко -сценско дела кои критиката не ги оценила позитивно. Фомин создал свој „Орфеј“ – го обоил со индивидуален авторски сензибилтет и емоционално го детерминирал познатиот митолошки мит. Создал музичко-сценско дело кое кореспондира со духот на времето во кое е создадено, со личен авторски печат.

Исто како Леополд Моцарт, и Адам Лист му бил менаџер и агент на својот син Франц за време на неговите турнее како дете – гениј. Неговата ненадејна смрт во 1827 година се одразила катастрофално на 15-годишниот композитор. Историчарите сметаат дека овој настан во неговиот живот целосно ја фокусирал неговата артистична опсесија кон смртта. Токму такво е и неговото имагинативно ремек дело за пијано и оркестар – „Танц на смртта“.

Џовани Пачини (1796-1867) е италијански оперски композитор познат по своите богати мелодиски дела кои биле софистицирано напишани за најголемите пејачи во 19 век. На почетокот од својата композиторка кариера пишувал воглавно мелодични и романтични дела, а подоцна со создавањето на операта „Сафо“ промовирал поинаков стил, подрамски и со релативно помалку „мелодија“. Освен оперските дела, пишувал и гудачки квартети, а едно од најпознатите неговите дела е и програмската симфонија „Данте“ која ја напишал во 1864 година, неколку години пред неговата смрт.

Рускиот пијанист Андреј Гугнин е исклучителен уметник и виртуозен изведувач кој поседува разновидна и префинета техника која и служи на неговата исклучителна музичка имагинација. Во 2020 година, ја доби наградата на магазинот на „Би-Би-Си“ за најдобра изведба на Шостакович за неговата изведба на неговите 24 прелудиуми и Сонатите за пијано бр.1 и 2. Откако ја добива првата наградата на престижниот натпревар во Сиднеј во 2016 година, Гугнин постојано концертира на светските сцени со најдобрите оркестари и диригенти. Снимил повеќе музички изданија со соло и симфониски дела. Неговото це-де со изведба на „Трансцеденталните етиди“ од Лист беа издвоени во „Грамофон“, а Гугнин беше потенциран како пијанист чие време допрва доаѓа.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на бројни награди. Моментално живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.