Со концерти и дискусии ќе се одбележи националната кампања против ксенофобија „Деца на планетата Земја“

На 23 и 24 септември во Мобилната/монтажната галерија ЦАЦ во Паркот на франкофонијата во Градски парк и во Капан ан во Стара чаршија, ќе се одржат низа настани за промоција на националната кампања против ксенофобија „Деца на планетата Земја“.

Со овој настан завршуваат активностите кои Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ги спроведуваше во рамки на концептот Хуманитарна и правна помош за мигранти од 1 септември 2015 година наваму, а во соработка со партнерските организации Легис, Македонско здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ.

Вечерва во 21 часот ќе има концерт на бендовите Sweet Rapscalions, РИБ и FC Apatride UTD / СРБ, а по полноќ, забавата продолжува во Капан ан со музички изведувачи во соработка со Десонанз и ПОП АП АКТО.

„Бројните музички и уметнички настани и интересните дискусии кои се дел од оваа промоција имаат за цел да придонесат заедно да се потсетиме дека сите ние имаме право да живееме мирно, слободно и безбедно и дека сме способни да ги надминеме растечкиот страв од туѓинци и омразата кон различните од нас“, се вели во соопштението.

За промотивните активности од националната кампања, беше проширено партнерство на ФООМ и со Младински образовен форум, АКТО-ФРУ/ПОП АП АКТО фестивал, Фондација Метаморфозис и Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје, а како резултат на тоа произлезе и соработката и придонесот кон овогодинешната програма на ПОП АП АКТО фестивалот во Скопје, со што беше овозможена отворена комуникација и соработка со уметноста во промоцијата на човековите права и слободи.

Концептот на ФООМ за Хуманитарна и правна помош за мигрантите се спроведува од 1 септември 2015 година до 30 септември 2016 година во соработка со партнерските организации Легис, Македонско здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ. Негова цел беше да придонесе кон подобра заштита на правата и испораката на услуги за мигрантите и азилантите за време на нивното транзитирање низ Македонија. Како дел од концептот, партнерот и грантист на ФООМ, НВО ЛЕГИС, обезбедуваше хуманитарна помош (храна и хигиенски пакети) за мигрантите на северната и јужната граница на Република Македонија. Дополнително, правна помош беше обезбедувана од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и Македонското здружение на млади правници. Концептот, исто така, се залагаше за отворање на простор за социјална дебата за прашањата поврзани со миграцијата преку застапување за подобри политики и практики и финално преку кампања против ксенофобијата.

Целата програмата е достапна на следниот линк.