Со концерт на „Фолтин“ утревечер се отвора културниот центар „Кино култура“

„Театарот на навигаторот Цветко“ и „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, во соработка со општина Центар го најавија отворањето на новиот културен проект „Кино култура“.

Познатото кино, кое цели 15 години не работеше и беше оставено на забот на времето, доби нов изглед, со реконструирано гледалиште со 180 седишта и сцена, сали за проби, урбан простор кој недостасуваше подолг период за современи изведувачки уметности, образование, социјален развој и развој на заедницата.

Слободан Унковски, уметнички директор на „Театар на навигаторот Цветко“ рече дека „Кино култура“ ќе има независна програма и нема да биде под влијание на Министерство за култура.

Биљана Тануровска Ќулавковски, извршен и програмски менаџер на „Локомотива- Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“ посочи дека одамна се чекало на ваков независен сценски простор, на кој ќе има театарска програма од македонски и светски автори.

Програмата „Заедно“ ќе значи отворање кон заедницата, децата и младите ќе работат заедно со еминентни уметници. Просторот ќе биде наменет за професионалците и граѓаните на општина Центар, како и за различните заедници, кои се дел од социо-културната сфера.

Учениците од општина Центар ќе можат бесплатно да ги следат претставите, а прва на репертоар е претставата „Ајнштајновите соништа“, по текст на Алан Лајтман, драматизација на Русомир Богдановски, а во режија на Слободан Унковски. Утре, во 21:00 часот, во „Кино Култура“ ќе се одржи концерт на „Фолтин“.