Со изложба на Ханис Багашов се отвора „Drim Short 2019“

Со изложбата на фотографии на Ханис Багашов, насловена ,,Деца“, годинава ќе биде отворен Интернационалниот фестивал за краток филм „Drim Short“. Изложбата ќе биде поставена во холот на Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, а отварањето е овој петок, во 18:00 часот.

Децата се главен субјект во повеќето фотографии на Ханис Багашов. Тие се непристрасни, брутално искрени со своите емоции, горди – но, без суета. Децата кои живеат во проблематични општества се особен приказ на човечкото достоинство – способни за адаптација, издржливост и прошка. Момче со вреќа шеќерна волна на грбот; улична тепачка; девојче со златници во Курдистан, итн.

Фотографиите се снимени во Ирак, Анадолија и Тетово.