Со германска диплома до подобра работа

Македонците доаѓаат во Германија да студираат со желба за подобро образование и подобра иднина, како и доживување на ново искуство далеку од својата земја. Поттикнати од програмите за стипендирање што ги нудат универзитетите во Германија или, пак, преку Германската програма за академска размена (ДААД), матурантите со повисок просек и со високи амбиции заминуваат со надеж и очекувања дека тоа ќе им овозможи полесно да најдат добра работа.

Со германска диплома до подобра работа

Гоце Стојановски студира Бизнис информатика во Манхајм. Во Германија е веќе четири години, а паралелно со студирањето работи и за софтвер-компанијата САП АГ, една од водечките во светот. Со студиите е на крај и планира да продолжи и на постдипломски. Досегашното искуство го опишува како извонредно: „Бев еден од двајцата одбрани студенти во мојата генерација, со директна финансиска и менторска помош од универзитетот во Манхајм. Среќен сум што го прифатив предизвикот. Научив нови култури, а на пријатели им пренесов дел од македонската култура“.

Јелена Коцарева е студент на Институтот за технологија во Карлсруе, на насоката Хемија на храна, козметика и останати потрошувачки добра. Дојде преку ДААД-програмата за матуранти од партнерски средни училишта. Во Германија е веќе пет години и сега завршува со студиите. Студирањето и’ овозможи да ги ја провери способноста за прилагодување и самостојно живеење.

Тука многу се вложува во науката и се обрнува посебно внимание на квалитетот и деталите, се нуди солидна теориска и практична образовна подлога за успешна кариера“, вели Јелена. Таа е задоволна од колегите и вели дека без нив не би било исто.

Александар Симоски, по завршувањето на меѓународната матура во гимназијата Јосип Броз Тито во Скопје, го одбрал Приватниот универзитет за бизнис и информатичка технологија (БИТС), во Изерлон, во покраината Заарланд. „ Иако често бев во Германија пред 2009 година и течно го зборував јазикот, првите месеци ми беа културен шок. Од начинот, сериозноста и интензитетот на работата, до секојдневните случки од приватниот живот, германските колеги се поразлични од младите кај нас“, објаснува Александар.

Ова го поткрепува и со случката од 2009 година. „ Во првите недели од студиите прашав еден колега дали би сакал да излеземе, да одиме на кафе. Тој го извади својот нотес, во кој педантно ги имаше термините и обврските, како на пример кога да ја посети баба му и слично… Иако беше втората половина на октомври, колегата сосем ладнокрвно ми одговори дека следниот слободен термин за пиење кафе му е во првата недела во декември. Можете да си замислите каков студен емоционален туш тоа беше за Македонче штотуку дојдено во Германија. Едноставно, во Германија спонтаноста не се доживува како кај нас“, раскажува Александар.

На високо рангиран универзитет – макар и за само еден семестар

Студентите кои веќе студираат во некој друг европски град, ја одбираат Германија и како дестинација за размена од еден семестар. Ивана Наумоска го одбрала Манхајм преку програмата за размена на студенти ЕРАЗМУС. Наумоска дипломираше на универзитетот Бокони во Италија, а за престојот во Манхајм вели дека бил правилна одлука.

Целата сторија можете да ја прочитате на веб-страницата на Deutche Welle.