Со финансиски притисоци, закани и затворски казни до цензурa во Македонија

Какви начини на цензурирање се користат во Македонија, и како да се спречат? Како до заштита од казни за цензурата која сериозно ја нарушува слободата на изразување? Овие прашања беа разгледани вчера вечер во ГЕМ клуб, каде се одржа дебатата „ Цензурата како главен метод на задушување на слободата на изразување“.

Гости на јавната дебата беа Џабир Дерала од Цивил – Центар за слобода, Билјана Секуловска од ТВ Нова и Жана Живадиновиќ од Наставничкиот пленум.

„Демократијата не започнува во медиумите, но сигурен сум дека често завршува во нив и со нив“, изјави Џабир Дерала. Во своето обраќање тој направи краток осврт на новинарството, цензурата и автоцензурата во изминатите две децении, во социјалистичкото уредување и почетоците на приватизацијата. Oбразложи дека иако и во 80-тите новинарите требало да „пишуваат меѓу редови“ и сето она што го пренесувале доаѓало од еден центар, слободата на изразување воопшто тогаш била поголема отколку денес.

„Во тоа време постоеја и притисоци и закани од затворање, но тоа не се случи. Властите тогаш имаа повеќе слух за тоа дека времето е дојдено да се слушнат различни гласови во општеството. Истото се однесуваше и на другите сфери на изразувањето, каде што може да се спроведе цензура: образованието, уметноста, културата. Слободата на изразувањето кон крајот на 80-тите години, во однос на она како што изгледа македонската реалност денес, беше далеку полиберална и послободна, далеку подемократска. Тогаш имаше многу повеќе продукти и проекти кои дозволаа и даваа простор да се искаже слободно мислата, идејата и информацијата“.

Дерала како најголем показател за угнетувањето на слободната мисла и цензурирањето на медиумите во Македонија ја спомена смртта на Никола Младенов. Додаде и дека единствениот човек кој се обиде да ја истражува смртта на Младенов, Томислав Кежаровски, заврши зад решетки.

Билјана Секуловска како начин на индиректна, но успешна цензура, го посочи финансискиот статус на новинарите и медиумите.

„Финансиската состојба дозволува некои медиуми да бидат цензурирани, или да подлежат на автоцензура. Факт е дека финансиската состојба на медиумите е драматична, особено кога станува збор за критичките медиуми. Оние пак, моќните медиуми можат лагодно и безгрижно да ја спроведуваат цензурата, со оглед на тоа што се на товар на граѓаните и буџетот, благодарение на добрата волја на политичките елити на власт“, смета таа.

Секуловска упати и на непостоењето на силно новинарско организирање, кое би ги спречило цензурата и автоцензурата, како и непостоењето на силни медиумски институции. Таа смета дека голем проблем е и обученоста на младите кадри во новинарството.

Жана Живадиновиќ од Наставничкиот пленум пак укажа на непостоењето на медиумски простор со национално концесирање, во кој сите  незадоволните граѓани би можеле да ги изнесат своите проблеми.

„Кога се зборува за цензурата во образованието, може да се концептуализира во три точки: законските регулативи, со посебен акцент на казнените одредби донесени во 2014 година, автоцензурата и непочитувањето на мислењето, најмногу на фелата, но и на останатите чинители во воспитно-образовниот процес. Не е дозволен простор во кој другите можат да го искажат своето мислење, макар и да е погрешно“, Жана Живадиновиќ од Наставничкиот пленум.

Таа упати и на постоењето на финансиски притисоци и закани врз наставниците, со кои се заплашувани да не штрајкуваат и протестираат, како и разрешувањето на регионални претставници на СОНК и покрај нивниот голем придонес за синдикатот.

Според неа е нелогично што многу национални медиуми не известувале за штрајкот на наставниците минатата година, а веднаш известиле за прекинот на штрајкот.

Јавната дебата е дел од проектот „Анализа на политики и закони кои влијаат на слободата на изразување” на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од Фондацијата отворено општество- Македонија.

Трибината е дел од серијалот трибини со кој Институтот за општествени и хуманистички науки сака да отвори дискусија за неколку прашања, кои се однесуваат на слободата на изразување и начините на кои регулативите влијаат врз неа. Трибините се и дел од истражувањата на Институтот за тоа какви методи на задушување на слободата на истражување се применуваат во овој ткн. „хибриден режим во кој живееме и на кој начин тој се одразува врз различни сфери на нашето делување и живеење“, појасни Ана Блажева од Институтот.