Со европскиот автобус на турнеја низ неколку македонски села

Со европскиот автобус на турнеја низ неколку македонски селаСара е осмоодделенка во основното училиште „Фаик Коница“ во с. Доброште кое припаѓа на општина Теарце. Таа оваа година ќе заврши основно училиште, а средно ќе продолжи во Тетово. Во нивното село има само едно училиште, а и тоа не е во најдобра состојба. Но, таа верува дека со влегувањето на Македонија во Европската Унија ќе биде подобро, или барем тоа сакаше да го каже низ нејзиниот цртеж. На него дамките на крилјата од пеперутката беа заменети со ѕвезди, додека крилјата ги симболизираа македонското и знамето на Европската Унија.

„Европа ја гледам како подобра шанса, подобар живот“, вели малата Сара.

ЕУ Инфо центарот во соработка со холандската амбасада во Македонија и министерството за евроинтеграции деновиве посетија десетина села низ Македонија за да ги запознаат жителите со можностите кои ги нуди Европската Унија низ своите  фондови. Едно од тие села беше и  Доброште, местото во кое што живее Сара, а кое се наоѓа на само 15 километри оддалеченост од Тетово.

Во присуство на холандската амбасадорка во Македонија, Мариет Шурман, министерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, претставници од ЕУ Инфо центарот и градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани, жителите на Доброште во непосредна комуникација со функционерите се запознаваа со европските фондовите за земјоделците и малите и средни претпријатија и начините на кои може да добијат помош.

1Валентин Нешовски од ЕУ Инфо центарот вели дека целта – граѓаните на руралните средини да бидат информирани беше исполнета.

„ Македонските граѓани беа прашани дали сакаат да одат во ЕУ или не! Не правиме бини и дебати со микрофони, туку во непосредна комуникација со жителите сакаме да ги информираме за она што Европската Унија може да им го овозможи“, изјави Нешовски.

На прашањето дали има место за Македонија во ЕУ, амбасадорката Шурман изјави дека како што имало место за македонското население во автобусот со кој тие тргнаа во мини-турнеја по тетовско, така има резервирано место и во Европската Унија.

За жителите пак велат дека животот во селото е навистина тежок, за младите нема работа, а старите веќе не се способни за тоа. Затоа велат локалните жители, многу млади заминале на печалба во странство главно во Данска, Швајцарија, Германија, Норвешка и Америка. Тие не се надеваат за брз влез во Европската Унија.

Од она што директорот на основното училиште во Доброште, Бајрам Јашари, го кажа, селото има 4500-5000 жители од кои 50-60 куќи се македонско население, додека 1100-1200 се албански. Голем дел од населението својот леб го наоѓа во градежништвото како работници. Тој вели дека „куќи има, но луѓе нема“.

Со европскиот автобус на турнеја низ неколку македонски селаЃусер Аџипи е учителка за деца од прво до петто одделение во основното училиште во Доброште. Според неа, потребни се уште многу вакви акции.

„ Ние сме задоволни од посетата бидејќи не се случуваат често вакви акции. Не сме обучени на дочек и како да говориме, знаеме што сакаме да кажеме, но не знаеме како“, вели Аџипи и додава дека најголем проблем за младите во селото е да се запишат во средно училиште бидејќи немаат соодветни институции.

Но, за едно девојче кое стоеше од страна со синиот балон в рака на кој беше оцртано знамето на Европската Унија и сината шнола на нејзината коса не му беше важно дали Македонија ќе влезе во ЕУ. Неоптоварено од приказните за спорот со името, за национализмот и за тешкиот живот во селото, тоа само сакаше да си игра со своите соученици и да му се радува на животот. Нејзините родители се надеваат дека нивното дете ќе живее во среќна, перспективна и европска Македонија.

Eмилија Петреска