Движење на патничките возила по правилото паp – непар, набавка на 60 електровелосипеди, дотур на роба- до 10 часот наутро, бесплатен автобуски превоз ако 10 дена по ред концентрацијата на ПМ10 честичките е над 100 микрограми/м3, се дел од мерките кои град Скопје ќе ги спроведува при енормно загадување на воздухот.
Како што се наведува во информацијата која ќе биде презентирана на четврточната седница на Советот, се планира преземање на сет мерки поделени во две категории, краткорочни и среднорочни.
„Генерално, од досегашните анализи може да се каже дека во Република Македонија има појава на надминување на граничните вредности за суспендирани честички со големина до 10 микрометри, а во зимскиот период се забележуваат значително високи концентрации на оваа загадувачка супстанца.
Ова особено се однесува за град Скопје, каде концентрациите се за десетина и повеќе пати поголеми од пропишаната среднодневна гранична вредност. Во зимскиот период влијанието на главните извори на суспендирани честички од 10 микрометри значително се зголемува поради климатолошките и метеоролошките услови, карактеристични за градот Скопје“, се вели во информацијата.
Како дел од мерките се најавува вклучување 30 нови автобуси кога 10 дена со ред ќе има над 100 микрограми/м3 од ПМ10 честичките во скопскиот воздух, воведување на автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС), набавка на нови велосипеди и поставување нови пунктови.
Пред неколку дена беше најавено дека јавното претпријатие „Комунална хигиена“ од јануари 2015 година ќе почне да ги прска скопските улици со еколошки препарат калциум магнезиум ацетат (ЦМА) кој се употребува како замена за улична сол и ги лепи опасните честички на асфалтот. Препаратот , како што беше соопштено, ќе се нанесува од камион, поради што ќе се адаптираат цистерните на претпријатието за влажно миење на улиците. Град Скопје веќе распиша повик за набавки кој ќе трае до 2 декември, а проценетата вредност е 11,5 милиони денари.