Со документарец за Пи Џеј Харви и концерт на нејзиниот продуцент Џон Париш започнува „Македокс“

Во среда (21.08) официјално започнува јубилејното десетто издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во Скопје.

Вратите на Куршумли Ан се отвораат во 20:00 часот, а еден час подоцна програмата ја отвора филмот „Мизекордија“ во режија на Чавиер Марадес. Веднаш по него следи проекцијата на „И сè  стана песна“ на режисерот Шејмус Марфи кој ја следи приказната на музичарката и писателка Пи Џеј Харви и нејзиниот албум „The Hope Six“.

По проекцијата на филмовите програмата се префрла на музичката сцена каде свој концерт ќе има токму продуцентот на Харви, Џон Париш.

Настапот на култниот британски алтернативен рок музичар е најавен да започне на полноќ. Во негова придружба ќе бидат поп пејачката Марта Колика и специјалниот гостин на вечерта Џорџа Поли.

Претходница на филмската програма е фотоизложбата „МакеДокс временска машина“.

„На десеттото патувачко кино на ’МакеДокс‘, продолжувајќи ја традицијата на првите киноприкажувачи, правевме фотографии со една прастара технологија. Ги ставивме современите лица во една постара рамка и најчесто во рамките се засекогаш овековечени љубезните домаќини и љубопитните гости, во еден кадар. Магијата што настана можеби и не е достапна за сите и не е зависна од техничкиот ами од човечкиот квалитет кој е внесен во секоја фотографија. Секоја прашинка и лоша експозиција на стаклените плочи носат дополнителна информација за речиси неверојатните услови за правење фотографии на ваков начин, како и за неизмерната стрпливост и убава енергија на сите фотографирани. Затоа нивната вредност е непроценлива. Скенирани, овие фотографии имаат многу изгубено од својата убавина, но секако, ќе можете да ги видите во Куршимли-ан, во оригинал“, открива авторот на изложбата Сашо Н. Алушевски.

Цената на билетот за целата вечер е 400 денари, а доколку сакате да присуствувате само на концертот билетот ќе ве чини 300 денари.

Овогодинешниот Македокс ќе трае до 28ми август. На него ќе бидат прикажани повеќе од 60 документарни филмови од домашната и светската сцена, како и два музички концерти најавени за првиот и последниот ден.