Со доделување на наградите и „Пожар на море“ затворен „Македокс .7“

Со доделувањето на наградите и проекцијата на филмот „Пожар на море“ од Џанфранко Роси, кој ја доби главната награда „Кромид“, заврши седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. На фестивалот, што се одржа од 20 до 26 август во Куршумли-ан, на платото пред Куршумли-ан, во Чифте амам и во Музејот на современата уметност во Скопје, во пет програми беа прикажани 63 креативни документарни филмови, а беа присутни и 52 странски гости.

„Наградата ’Кромид‘ за најдобар филм во главната програма на филмскиот фестивал ’МакеДокс‘ се доделува на филмот со беспрекорна уметничка експресија, кој раскажува приказна што е истовремено актуелна и тешка. Визуелниот јазик во филмот синеастички пристапува кон една особено важна тема во светот денес. Режисерот умешно и несвојствено се занимава со животот и смртта, откривајќи ѝ на публиката нови, интимни слоеви на кризата која се одвива недалеку од нас“, е образложението на жирито, кое едногласно ја донесе одлуката.

Освен наградата „Кромид“ – за најдобар филм во Главната програма, која му беше доделена на Роси за „Пожар на море“, беа доделени и наградите „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор, доделена на „Марта и Ники“ на Тора Мортенс од Шведска, „Кокарче“ – за најдобар студентски филм, доделена на Флоријан Хофман за филмот „Арлет – Храброста е мускул“ и Награда за филм со најдобри етички идеи од сите програмски селекции – „Совршениот круг“ на режисерката Клаудија Тоси од Италија.

Посебно признание во селекцијата на нови автори добија филмовите „Земјата што ја освоивме“ на сценаристката Миријам Смит и режисерот Кристофер Приор од Нов Зеланд и „Две детства“ на Владимир Головнев од Русија.

Посебно признание „Кокарче“ за студентски филм доби „Пазар“ на режисерот Симон Гилард од Белгија, поради неконвенционалното раскажувачко решение. Специјално признание доби и филмот „Бисерното копче“ на режисерот Патрицио Гузман, за особени етички идеи.

На последната вечер на „МакеДокс .7“ беа доделени и наградата „Златна каса“ на Миа Ферро, бидејќи е срушен рекорд во продажба на билети стар три години, додека за најдобар волонтер беше прогласен Дин. Вечерта ја разубавија и разиграа „Черкези оркестар“.

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Медиа програмата на Креативна Европа, Националната фондација за демократија и Град Скопје.