Со дизајнерски маички кон подигање на свеста против насилството врз жените

Идејата за дизајнерските маички, креирани во рамки на кампањата „Да ставиме крај на насилството врз жените и децата-сега!“ на УНДП, изминатите дена доби многу позитивни коментари во јавноста. Креациите се дело на модните дизајнери Алмир Мили и Ивана Цветковска, а ќе бидат претставени на пролетниот Моден викенд во Скопје кој започнува денеска и ќе трае до петти април. За нивната работа во овој проект во делот на социјално ангажираната мода, зборува дизајнерката Ивана Цветковска .

Во соработка со кампањата на УНДП „Да ставиме крај на насилството и девојчињата –сега!!“, вие и Алмир Мили учествувате со креации на маички. Од каде дојде идејата за една ваква соработка, на еден ваков проект?

Веќе подолго време се организираат протести и кампањи со цел да се спречи и стави крај на насилството врз жените и девојчињата во Македонија. Јас бев поканета од УНДП да учествувам во нивната кампања „Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – сега!” и со задоволство прифатив. Со поддршка од УНДП на 4-ти април ќе се одржи моден перформанс за колекцијата „Street Style” во рамки на Моден викенд Скопје, на кој ќе биде претставена креираната маичка за оваа кампања.

Дали досега сте работеле на ваква кампања? И колку ангажираност е потребно за ваква колекција?

Досега немам работено на ваква кампања, но во иднина сигурно почесто би била вклучена во кампањи од овој тип. Околу изработката на колекцијата ми беше потребно месец дена, вклучувајќи го целиот процес од барање материјали па се до финализирање на парчињата.

Колку време ви беше потребно за да го реализирате целиот проект? Дали и предводеше истражување на темата пред да започнете со работа?

Ангажманот за целиот проект траеше околу месец дена. За изработката на колекцијата и поконкретно на дизајнот на маичката секако дека претстоеше темелно истражување на темата со цел да се пренесе пораката: „Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – сега!“.  На овој проект како дел од кампањата на УНДП со Алмир Мили изработивме посебно индивидуални колекции кои ќе бидат претставени преку моден перформанс.

Вие сте млада дизајнерка. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате обидите за пробив на модната сцена?

Пробивот на модната сцена воопшто не е лесен, како млад дизајнер финансиите се најголем проблем и предизвик. Благодарение на УНДП и нивната кампања добив можност да ја претставам колекцијата „Street style” и на тој начин пошироката публика да ја забележи мојата работа.

Кои се вашите идни планови, дали можеби повторно би се ангажирале да работите на една ваква кампања?

Моите идни планови вклучуваат отварање на сопствено модно ателје, почесто присуство во јавноста преку учество во разни проекти и кампањи, како и континуирано претставување на сезонски колекции на Модниот викенд Скопје.

Моника Кочовска