Со чамци се евакуираат туристи од плажите во југозападна Турција – приведен еден осомничен за пожарите

Туристите се евакуирани од плажите во југозападна Турција, каде пожарите што беснеат сега им се закануваат на хотели и домови, пренесува BBC.

Според локалните медиуми, бродовите на турската крајбрежна стража, помогнати од приватни чамци и јахти, беа распоредени за да ги однесат туристите на безбедно место.

Во градот Бодрум, наводно, биле евакуирани три хотели со пет ѕвезди.

Во пожарите, кои горат од средата, загинаа шест лица.

Уште две смртни случаи беа потврдени вчера. Тие беа меѓу илјадниците луѓе кои се бореа со речиси 100 одделни пожари во одморалишта и села на турските медитерански и егејски брегови, што претставува главен туристички регион.

Надлежните велат дека сите пожари, освен 10, сега се ставени под контрола.

Сликите што ги сподели градоначалникот на Бодрум на Твитер покажуваат пожари кои се уште горат во раните утрински часови.

Локалните медиуми, исто така, споделија драматични снимки на кои се гледа како луѓето со своите предмети ја напуштаат областа, додека пожарот брзо се приближува до градот од пошумена планина.

Истражителите се обидуваат да откријат дали некои од пожарите биле намерно подметнати, по информациите дека е приведен еден осомничен за пожарот во областа Милас, во провинцијата Мугла.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера го посети градот Манавгат, каде беа потврдени пет смртни случаи поврзани со пожар.

Ердоган вети дека владата ќе стори сé за да им помогне на стотици луѓе погодени од катастрофата да го обноват својот живот.

Претседателот беше жестоко критикуван за недостаток на противпожарни авиони во земјата. Но, тој рече дека „главната причина за овие проблеми со авионите е тоа што Турската воздухопловна асоцијација не успеа да ја ажурира својата флота и технологија“.

Тој додаде дека повеќе авиони од Азербејџан, Иран, Русија и Украина сега се вклучени во масивната операција за гаснење пожар.