Со богата априлска програма Кинотека на Македонија слави 40 години постоење

Април е месецот во кој секоја година се слави роденденот на Кинотеката на Македонија. Потточно на 27 април, оваа година Кинотеката ќе го прослави своето 40 годишно постоење и залагање за прибирањето, обработката, чувањето, заштитата и презентацијата на филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Оваа јубилејна 40-та година ќе биде одбележена со свечена академија и доделување на наградата „Златен објектив“ на македонски автор со особен придонес кон македонската кинематографија. Исто така, публиката ќе може да ги погледне реставираните филмови „ХАЈ-ФАЈ“ на Владимир Блажевски , „ЖЕД“ на Димитрие Османли и „ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА)“ на Коле Ангеловски.

Кинотеката сепак не се откажува од проекциите на 35 мм филмска лента, па затоа овој месец сите љубители на филмот ќе можат да го погледнат култниот „ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА“ на Буњуел, како и филмот „ЛУЛУ“ на Валеријан Боровчик.

Освен тоа, овој месец, од 7 до 9 април во рамките на кинотечното кино, во соработка со Филозофското друштво на Македонија по втор пат ќе го организираат Филозофскиот филмски фестивал, а во чии рамки ќе бидат прикажани филмовите „ЕДЕН МАЖ И ЕДНА ЖЕНА“ на Клод Лелуш, „КАСАБА“ на Нури Билге Џејлан и „ДВАНАСЕТ ГНЕВНИ ЛУЃЕ“ на Сидни Ламет.

Освежување на филмската програма во овој пролетен месец ќе внесе и програмата на Скопскиот филмски фестивал, во чии рамки од 22 до 30 април во Кинотеката ќе се прикаже и дел од програмата на Скопје филм фестивал, ретроспектива на тајвански филмови.