Со 800 000 евра Владата ќе ги помага печатените медиуми

Со 50 милиони денари, или нешто над 800 000 евра, Владата ќе ги покрива трошоците за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за минатата, 2017 година. Според најавите, ќе се покриваат трошоци во висина до 50% за печатените медиуми на македонски јазик, и во висина од најмалку 50%, но не повеќе од 70%, за печатените изданија на јазиците на другите етнички заедници.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски, соопшти дека средствата ќе бидат распределени на печатените медиуми ако ги исполнат сите предвидени критериуми содржани во програмата. Критериумите, додава, биле целосно подготвени од страна на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, чиј претседател Лирим Дулови, и членови на асоцијацијата, кои беа денеска беа присутни на прес конференцијата во Владата.

„Критериумите за добивање на помошта се во целост усогласени со меѓународните стандарди, што е уште  еден принципи според кој се раководеше Владата, прифаќајќи ги најдобрите практики на Европската Унија за поддршка на печатените медиуми кои во секое демократско општество се столбот, фундаментот на објективното, независното и професионално новинарство“, изјави министерот Поповски.

На прес конференцијата во Владата на Република Македонија, Претседателот на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, Лирим Дулови, како и другите членови на оваа асоцијација ја поздравија реализацијата на оваа владина програма. Се надеваат дека ќе го помогне професионалното и одговорно новинарство.

Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми беше усвоена на 105-тата владина седница. Поповски соопшти дека целата програма, со сите потребни критериуми за аплицирање за средствата, од вчера е ставена на сајтот на Владата и е доставена до еснафските здруженија.

По завршување на целиот процес, Поповски најави дека јавноста ќе биде информирана кој печатен медиум добил финансиска поддршка, колку изнесува таа, и кои медиуми евентуално не ги исполниле условите.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.