Snowden: Ваша должност е да инсталирате „ad blocker“

Во интервју за The Intercept, човекот кој ги откри владините тајни за шпионажа во САД советува како просечните граѓани можат да ја заштитат својата приватност на интернет. Еден од поочигледните совети е да се инсталира апликација за блокирање на реклами.

„Секој треба да користи софтвер за блокирање на реклами, барем од безбедносна перспектива“, вели Сноуден.

„Ако операторот не работи на тоа да ја заштити приватноста меѓу читателот и објавувачот, немате само право, туку и должност да се заштитите себеси“, додава.

Таканаречените „malvertising“ напади, во кои мрежите за рекламирање им испраќаат на несвесните „домаќини“ штетни податоци прикриени како реклами, се случуваат сé почесто во последните неколку месеци, инфицирајќи дури и популарни веб страници како Yahoo.

Дополнително, многу нови веб страници кои поддржуваат такви реклами користат trackers и cookies, кои испраќаат информации за личните навики за сурфање на корисниците за рекламни цели.

Документите објавени од Snowden открија дека Националната безбедносна агенција (NSA) собира информации директно од центарот на податоци на Google и Yahoo, преку крадење податоци од серверот на компаниите.

Ваквата загриженост за безбедноста придонесе за порастот на популарноста на апликациите како Ad Blocker во изминативе години.

Трендот е загрижувачки за веб страниците чија заработувачка зависи од рекламирањето, и некои сметаат дека е неетички за читателите да го одбегнуваат „непишаниот договор“ кој ги снабдува со бесплатна содржина, во замена за трпење на рекламите. Поборниците за блокирање на рекламите пак, сметаат дека вистинскиот етички престап е принудувањето на посетителите да гледаат реклами кои црпат преголема интернет меморија, и служат како платформа за ширење на вируси.

Иако повеќето апликации за блокирање на рекламната содржина имаат „бела листа“ на реклами на компаниите кои плаќаат за да им биде овозможено рекламирање дури и кај корисниците кои користат ad blocker, и има повеќе начини да се најдат дупки, во целина овој софтвер може да служи за поголема онлајн безбедност, како што вели и Snowden.