Сноуден по одлуката на Европскиот парламент: Играта се менува

По одлуката на Европскиот парламент да ги отфрли обвиненијата против поранешниот соработник на американската разузнавачка агенција НСА Едвард Сноуден, тој се огласи на својот Твитер профил.

Во неговата објава тој напиша дека оваа одлука на Европскиот парламент целосно ја менува играта.

„Слушам дека Европскиот парламент изгласал 285 гласови ‘за’ и 281 „против“, и покрај големите притисоци, да запрат сите обвиненија против мене и да се спречи екстрадицијата. Ова ја менува играта“, напиша Сноуден.

„Ова не е насочено против американските власти, ова е подадена рака на пријател. Ова е шанса да се тргне понатаму“, додаде тој.

Европскиот парламент вчера ја усвои резолуцијата со која сите земји на ЕУ се повикуваат да го запрат гонењето на Сноуден.

Пратениците побараа Европската Комисија да се осигура дека сите трансфери на податоци во САД се предмет на „ефикасно ниво на заштита” и побара членките на ЕУ да дадат заштита на Едвард Сноуден, како „бранител на човековите права”. Парламентот, исто така изрази загриженост за законите за надзор во неколку земји на ЕУ.