Сноуден: Не сакам да и наштетам на американската влада, туку да и помогнам

Поранешниот соработник на Националната безбедносна служба НСА, Едвард Сноуден денеска од Москва преку видео линк учествуваше на конференцијата на парламентарното собрание на Советот на Европа за масовното следење. Тој истакна дека немал намера да и наштети на американската влада, туку сакал да ја подобри состојбата.

сноуден

Сноуден кој се наоѓа во азил во Русија, во директното видео обраќање на конференцијата во Стразбург рече дека масовното надгледување се спроведува на глобално ниво и активно се користи за пратење, пресретнување и надзор над недолжните, без никакво претходно одобрување. Предупредувајќи дека се следат милиони приватни раговори, тој констатираше дека станува збор за кршење на човековите права, а ова според него е најголема опасност за правата на граѓаните, пренесе советот на Европа преку Твитер

Сноуден оценил дека меѓународната заедница треба да воведе и усогласи нови, заеднички норми на однесување во вид на спогодби за спречување на масовното следење. Тој истакна дека НСА намерно ги поткопувала законите за приватност на земјите членки на ЕУ, при што додал дека масовното следење води до намалување на слободата и безбедноста на државите.

НСА незаконски го загрозила и финансискиот сектор , а на нишан ги зема лидерите на невладините организации, смета Сноуден. НСА, објаснува тој, не учествувала во „кошмарни сценарија“ со листи на луѓе кои треба да се затворат, но учествува во активности кои влијаат на човековите права. Тој посочил и дека НСА користи технологија заснована на отпечатоци од прсти за да прати и идентификува недолжни лица низ цела Европска Унија.

Програмата за масовно следење ја надгледува таен суд во САД, открива Сноуден кој заклучува дека ако не биде постигнато политичко решение за овие прашања, ќе бидат наметнати технички решенија.

Сноуден стана познат во јавноста откако лани објави тајни документи врз основа на кои беше разоткриен големиот систем на американската влада за надгледување на телефонските и интернет податоци.

Извор: Блиц