Сноуден може да добие азил во Швајцарија, ако сведочи пред Парламентот

Швајцарија нема да го екстрадира Едвард Сноуден во САД, доколку тој се појави и сведочи за шпионските активности на Националната агенција за безбедност на САД (НСА) пред швајцарскиот парламент. Според пишувањата на швајцарските медиуми, во посебно подготвен документ, Јавното обвинителство во оваа земја се обврзува да му гарантира безбедност на Сноуден, доколку тој дојде во земјата да сведочи, јавува весникот Sonntags Zeitung.

Сноуден може да добие азил во Швајцарија, ако сведочи пред Парламентот

Во документот стои дека поранешниот агент на НСА, кој престојува во Русија, а САД го бараат за велепредавство, би можел да биде повикан  на парламентарнa расправа за прислушувањето од страна на НСА. Швајцарија, според назнаките на Обвинителството, „не екстрадира американски државјани доколку барањето е политички мотивирано, пренесува агенцијата ATS. Сепак, од Обвинителството велат дека пречка би можело да претставува доколку швајцарската влада презела „обврски на повисоко ниво“, додавајќи дека треба да се утврди дали вакви обврски постојат.

Швајцарскиот адвокат на Сноуден, Марсел Бозоне, вели дека е задоволен од заклучоците на Обвинителството. Активистката за емигрантски права Сара Прогин-Тојеркауф посочува дека Сноуден исполнува услови за азил во Швајцарија, според Женевската конвенција. И неколку швајцарски политички партии побараа Сноуден да добие можност да сведочи пред Парламентот.

Американскиот активист пристигна во Москва на 24 јуни лани и мораше да остане во Русија откако САД му го поништија пасошот. Најпрво доби едногодишен азил, а од 1 август доби дозвола за престој во Русија со траење од три години.

Извор