Сноуден и Трамп меѓу рекордниот број на номинирани за Нобелова награда за мир

Едвард Сноуден, Доналд Трамп и папата се само дел од номинираните за Нобелова награда за мир оваа година, која привлече рекордни 376 кандидати. Имињата на кандидатите се чуваат во тајност 50 години, но на дел од номинираните се откриваат.

Ангела Меркел и Сузан Сарандон, исто така, се дел од листата на 228 поединци и 148 организации. Ова е трета номинација за „свиркачот“ Сноуден, но прва за  американскиот кандидат за претседател Трамп. Претходниот најголем број на номинации бил во 2014 година, кога на листата се нашле 278 кандидати.

Директорот на Нобеловиот институт во Осло Олаф Нјелстад, изјави дека бројот на номинации оваа година „го одразува фактот дека живееме во свет каде што има многу конфликти и каде што има и одреден број на процеси кои се движат во попозитивна насока“.

Номинациите се поставени од министри и пратеници, избрани универзитетски професори и поранешни лауреати.

Минатогодишни победници беа туниските Чувари на демократијата, коалиција на граѓански организации кои создадоа мирен политички процес во 2013 година, кога државата беше на работ на граѓанска војна, и се залагаше за основните права на населението.

Жители на грчките острови кои им помагаат на бегалците да го преминат Медитеранот, исто така, се номинирани, како и Авганистанската велосипедска федерација на жени, номинирана од група италијански пратеници. Името (имињата, може да има најмногу три) на добитникот за 2016 ќе биде објавено на 7 октомври.