Сноуден и Гринвалд со ново предупредување

Едвард Сноуден и репортерот Глен Гринвалд се појавија заедно преку видео линк на спротивната страна на планетата, за првпат откако Сноуден побара азил во Русија.

Сноуден

Речиси илјада симпатизери во дворот на хотел во центарот на Чикаго, на годишното собрание на „Амнести интернешнал“за човековите права, топло го дочекаа Гринвалд кој се вклучи од Бразил, а 15 минути подоцна со овации го пропратија и вклучувањето на Сноуден, пренесе Танјуг.

И двајцата предупредија дека со надгледувањето на „метаподатоците“(податоците за податоци) повеќе се крши приватноста одколку со прислушкувањето на телефонските разговори или читањето мејлови. Тие истакнаа дека од голема важност е постоењето на слободните медиуми кои ќе го анализираат работењето на Владата.

Помеѓу метаподатоците се наоѓаат и податоци за тоа од кој број е повикан одреден телефонски број, кога се направени и колку траеле разговорите, но мгаподатоците не ја вклучуваат содржината на тој разговор.

„Амнести интернешнал“ води кампања за укинување на масовното надгледувањекое го спроведува американската влада и бара од Конгресот да преземе мерки за ограничување на прибирањето податоци за телефонските и други видови комуникации.

Сноуден кој работеше во Националната агенција за безбедност-НСА лани објави тајни документи кои го разоткрија големиот систем на американската влада за надгледување на телефонските разговори и интернет податоците, потсетува Ројтерс.

Американскиот претседател Барак Обама минатиот месец објави дека од Конгресот ќе побара да прекине масовното собирање податоци од страна на НСА, со тоа што на владата би и било дозволено да добие пристап до метаподатоците кога тоа ќе биде потребно.

Сноуден и Гринвалд велат дека овие податоци откриваат повеќе од телефонските разговори и мејловите.

„Метаподатоците овозможуваат каталогизирано разбирање, прецизни податоци за сите наши приватни активности. Од нив се гледа со кого се дружиме, нашата политичка определба и нашите вистински активности“, истакнува Сноуден.

Гринвалд кој го запознал Сноуден пред 10 месеци и пишувал за документите во британски „Гардијан“ ветил дека и понатаму ќе објавува информации за владините злоупотреби на власта во својата нова медиумска компанија „Intersept“.

„Се надевам и верувам дека колку повеќе пишуваме за тоа , ќе почне да се води и поголема сметка кога луѓето ќе сфатат дека злоупотребата не е исто што и надгледувањето. Запаметете ги моите зборови и за околу два месеци ќе видите дека ќе се исполни тоа што го кажав“, вели Гринвалд.

Извор: Б92