Сноуден дизајнираше маска за мобилен телефон која покажува кога податоците се следат

Поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден учествуваше во дизајнирање на маска за мобилен телефон наречена „интроспекциски уред“, за кој тврди дека ќе покажува кога паметен телефон пренесува информации што би можеле да бидат надгледувани од властите.

Презентирајќи преку видео, за време на настан во Кембриџ, Масачусетс, Сноуден и неговиот соработник и дизајнер Ендрју Хуанг покажаа како маската се поврзува со различните радио трансмитери на телефонот, прикажувајќи ги информациите што се испраќаат кога корисникот на мобилниот користи Wi-Fi или Bluetooth.

Првичната верзија на овој уред покажува дали телефонот е „темен“, или испраќа информации, а исто така, може да го снабдува Ајфонот со дополнителна батерија и да ја покрива задната камера.

Ова претставува академски проект и е далеку од масовно прозводство, но може да влијае врз начинот на кој потрошувачите гледаат на „уредите за следење“, или познати како паметни телефони, на кои се потпираат секојдневно.

Проектот е продолжение на работата на Сноуден да ја информира јавноста за начините на кои владите во светот набљудуваат.