Снимател во МРТ ја загуби битката со коронавирусот

Шенол Ахмети, снимател и камерман од албанската редакција во Македонската радио-телевизија синоќа почина од коронавирусот. Ахмети беше долгогодишен снимател и камерман во МТВ, како и активен член во секцијата на сниматели при ЗНМ.

„Го испраќаме Шенол како голем професионалец, добар колега и вистински другар. Со овој немил настан се покажа дека вирусот нема милост и дека ние медиумските работници сме во најризичните професии изложени на напад од овој невидлив непријател“, истакнаа од раководството на секцијата на снимателите, изразувајќи сочувство до семејството и пријателите на Ахмети.

Ахмети е вториот медиумски работник кој е жртва на коронавирусот во Македонија. На 1 јуни почина новинарот Беким Бајрамоски од струшко Лабуништа која работеше за локалната телевизија „Спектра“.