Снегот им направи проблем на учениците од Охрид, Дебарца и Струга

Во дел од училиштата во општина Охрид наставата денес и во наредните два дена ќе се одвива со скратена настава, за што биле информирани и учениците, јавува „Охридњуз“.

Дел од училиштата информираат дека нема да бележат неоправдани часови за оние ученици кои доаѓаат од пооддалечени места и каде има поголеми наноси од снег. Поради големите снежни наноси во прекин е наставата во училиштата во општина Дебарца.

Поради повеќечасовните прекини во електричната енергија, градоначалникот на Струга Зијадин Села апелираше до учениците и наставниците денеска и утре да не ја реализираат наставата во струшките училишта, со тоа што изгубените часови дополнително ќе се одработат.

„Училиштата во општина Струга се загреваат на нафта, но пумпите на парните котли работат на електрична енергија. Поради тоа што немаше струја, утрово училниците во училиштата се многу студени, а електрична енергија нема и натаму во Струга. Затоа ги повикувам наставниците, децата и родителите да не се реализитра наставата денеска и утре зашто нема воопшто услови за тоа“, изјави градоначалникот Села.

Поради снегот во охридско-струшкиот регион и прекинот во напојувањето со електрична енергија утрово беше отежнато или целосно оневозможено редовното одвивање на настава во училиштата.