Снег во Македонија, забрана за возила на Стража и кон Маврово

Од утрово снежни врнежи ги зафатија речиси сите делови на земјава. Како што соопштија од АМСМ, попладнево беше воведена е забрана за тешки товарни возила на планинскиот премин Стража и на патот кон Маврово. На останатите сообраќајници пак нема забрани и застои, но коловозите се влажни и со остатоци од снег поради што се препорачува внимателно возење. Најмногу снег наврна на Попова Шапка, Кичево, Гостивар, Крушево и Прилеп. На планините се очекува снежна покривка од 40 сантиметри.
Во Скопје од утрово врне снег со слаб интензитет кој не предизвика проблеми во сообраќајот. Сепак од Град Скопје и општина Центар најавија дека механизацијата е подготвена и се фрла сол на критичните места.
Снегот го забави сообраќајот на повеќе места на Балканот. Во Србија снег има на речиси цела патна мрежа и се препорачува користење на зимска опрема и ланци, како и внимателно возење бидејќи поради ниските температури во утринските и вечерните часови можно е замрзнување на патиштата. Во Хрватска снегот паѓа од вчера, додека северниот и централниот дел на Јадранот е зафатен со силна бура. Патиштата во Хрватска се главно проодни, но има прекини во поморскиот сообраќај. Снег има и во Босна и Херцеговина, додека пак во Словенија се очекува стабилизање на времето и прекин на снежните врнежи. Во Црна Гора пак се очекува снег само во северните делови и дожд на југот.