Smut одбележуваат две децении постоење со концерт на „Таксират“

Метал-кор составот Smut во рамки на „Таксират 18“ ќе одржи самостоен концерт на 2 декември во МКЦ, со што ќе одбележи 20-години постење на музичката сцена.

„Во 1996 година во Западно Скопје групата ја формираа деца кои денес се семејни луѓе со четири албуми и стотици концерти позади себе, од кои некои заедно со Sick of It All, Biohazard, Integrity, Hatebreed, Madball, Ignite… Поентата на оваа група отсекогаш била во живите настапи. Којзнае колку деца од сцената својот прв stage dive или circle pit го направиле токму на SMUT концерт. Спремајќи се за снимање на својот петти албум кој излегува во 2017 групата ќе отсвири дел од новиот материјал во МКЦ, и тоа верувале или не (знаејќи дека SMUT ги има наполнето сите скопски клубови!!!) на својот ПРВ самостоен концерт во денсинг салата“, стои во најавата на концертот.

Од Пасворд продукција најавуваат многу гости и соработници, енергичен бенд и публика и препознатливата атмосфера на заедништво која, како што велат, низ годиниве стана трејдмарк на групата.

Инаку, билетите ќе бидат пуштени во продажба на 3 октомври (понеделник), преку продажната мрежа на МКтикетс.