Смогот во Милано на три дена ќе ги запре автомобилите

Градскиот совет одлучи да го забрани сообраќајот во Миланo во деновите по католичкиот Божиќ поради тешкиот смог. Со оглед на тоа што нема најави за промена на временските услови во градот или врнежи во следните денови, одлучено е забраната за движење на приватни возила да трае три дена, од 28 до 30 декември, во периодот од 10:00 до 16:00 часот во потесното градско подрачје. Оваа мерка е прва од ваков вид донесена од градските совети во Италија, јавуваат италијанските медиуми.

Во Рим, пак, каде се досега се воведуваше забрана за движење на автомобили според регистарските таблички, специјалниот комесар Франческо Паоло Тронка најави дека би можел да воведе целосна забрана за сообраќај до 27 декември, ако нема намалување на концентрацијата на РМ10 во воздухот. Во Милано пак веќе 28 дена по ред е зголемен прагот на алармирање од 50 микрограми ПМ10 на кубен метар, а од почетокот на годината 93 дена концентрацијата на ПМ10 била повисока од законскиот лимит.

Миланскиот градскиот совет покрај својата одлука за три дена без автомобили, најави продолжување и на попустите за користење на јавниот превоз.

Сепак, првите критики веќе дојдоа преку изјавите на поранешниот советник на животната средина Едоардо Кроки. Според него, „забраната на сообраќајот е за тогаш кога има сообраќај, во спротивно е чисто шоу“. Според него, наместо за време на празник како Божиќ, подобро е да се забрани движење на загадувачките дизел мотори во текот на работните денови кога има густ сообраќај.